Дилема за граѓаните на ул. „Личка“ – по три месеци ќе биде ли истата функционална

Повторно ќе се копа и повтроно ќе се извршуваат градежни активности на улица Личка во Штип. Поставените приклучоци на водоводната мрежа се на несоодветна длабочина со што 45 домаќинства повоторно ќе чекаат уште месец дена за да добијат приклучок, а сите останати граѓани кои живеат или транзитираат во овој дел од градот ќе газат по раскопана улица.

„Она кое што имав можност да го добијам како информација од страна на надзорот на улицата, но и од ЈП„Исар“ најверојатно популистички, предизборно се брзало за поставување на водоводната мрежа на несоодветна длабочина. Надзорот не дозволува асфалтирање во оваа фаза затоа што постои ризик од можност за пукање на водоводната мрежа при асфалтирање заради не почитување на стандардите кои се предвидени со проектот“ – кажа Јорданов.

Ако претходната власт се пофали дека за седум дена приклучоците се завршени и ќе се пристапи кон асфалтирање на улицата, новата Власт истакна дека оваа улица ќе биде функционална за месец дена од денеска. Тоа значи дека граѓаните три месеци во зависност од временските услови до своите домови пристигнуваат или по прашина или по кал.

Загубите на Општина Штип од повторно работење на улица Личка дополнително ќе се утврдуваат. Новиот градоначалник, Јорданов истакна дека приоритет е таа да биде завршена што е можно побрзо и да биде во функција на граѓаните.

Инаку, на 02 септември годинава претходната Локална власт во Штип истакна дека 32 приклучоци се завршени за рекордни седум дена, а најавија и асфалтирање на улицата. Иста тоака, истакнаа дека шахтите биле затрупани со асфалт, што значи се работело импровизирано. Сега сликата е иста само гледана од различна перспектива. Имено, сега Владеачката ВМРО ДПМНЕ кажа дека се работело импровизирано, приклучоците плитки, улицата не функционална. Останува дилемата дали и по три месеци активности граѓаните конечно ќе добијат функционална улица.

Лаура Стојанова М-Нет