Општина Карбинци од денес со нов градоначалник, Виктор Паунов стапи на функција

Новиот градоначалник на Општина Карбинци, Виктор Паунов, денес стапи на функција. Инаугурацијата започна со доделување уверение за нов градоначалник од страна на претседателката на ОИК, Адриана Велинова, а во Кабинетот се одвиваше и примопредавање на функцијата од досегашниот градоначалник, Јордан Насев, на новоназначениот Виктор Паунов.

„Денес ја предавам функцијата Градоначалник на новоизбраниот градоначалник, Виктор Паунов. По четири години работа, на крајот оставаме ликвидна финансиски стабилна Општина. Во моментов на сметката имаме околу 20 милиони денари, тоа се средства на општинската сметка, а и уште дополнителни 10 милиони денари на институциите на јавното претпријатие, училиштето и градинката. Оставаме околу десетина проекти кои се во фаза на реализација за околу 1 милион евра инвестиции. Оставаме техничка документација за околу 30 милиони евра, од кои, 15 милиони евра се техничка документација за улици, патишта, училишни згради, градинки брани и еден од капиталните проекти, брана „Баргала“ за кој има техничка документација за 15 милиони евра. Се надевам и очекувам дека новиот градоначалник, Виктор Паунов, ќе работи посветено, чесно и одговорно за сите жители во Општина Карбинци“, истакна Насев.

Сега веќе актуелниот градоначалник на Општина Карбинци, Виктор Паунов, се заблагодари на граѓаните на Карбинци за поддршката која ја дадоа на локалните избори и напомена дека ќе работи за развој и просперитет на Карбинци.

„Денес и официјално го примив уверението за нов градоначалник на Општина Карбинци. Сакам најпрво да се заблагодарам на ОИК, којашто макотрпно работеше во овој изборен процес за да помине во фер и демократска атмосфера. Ова беа едни од најтешките локални избори за организација и затоа им честитам. Второ, сакам да се заблагодарам на сите жители на Општина Карбинци за огромната поддршка којашто ја добив на овие локални избори. Сакам да најавам дека следните четири години од мојот живот ќе ги посветам токму во Општина Карбинци, на моите жители во Карбинци, со цел да имаме успех, просперитет и нашата Општина да ја движиме напред по правилниот пат“, потенцираше Паунов.

Во меѓувреме, свечено беа назначени и советниците во Советот на Општината, кои по назначувањето имаа конституитивна седница на Советот.

Ребека Спасова МНет