Источниот регион деновиве со стабилна ковид – ситуација, најмногу активни случаи има во Штип и Кочани

Штипската клиничка болница денес со зголемен број на хоспитализирани пациенти. Новопримени се петмина, а оздравени и испишани – двајца. Вкупниот број хоспитализирани е 46 и уште седум заразени кој дошле во дневната болница. Од хоспитализираните, 42 се во модуларната ковид – болница, а 4 на Кожното одделение. Со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка се 33, а вакцинирани се 13. Во текот на вчерашниот ден се направени 68 амбулантски прегледи, а во дневната статистика не е забележан ниту еден смртен случај. Во модуларната болница има четири слободни места, а на Кожното одделение кое работи како ковид – оддел – шест. Во дневната болница на располагање се ставени седум кревета, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во Кочани, пак, бројот на хоспитализирани лица е за еден повеќе за разлика од вчера. Хоспитализирани се вкупно 18 заразени ковид – пациенти, од кои тројца се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка. Во дневната ковид – статистика, забележан е еден смртен случај и еден нов прием. Од хоспитализираните, вакцинирани се седум пациенти. На Интерното одделение, кое работи како ковид – оддел на располагање се уште девет кревети, информираат од болницата.

Според информации од МЗ, на територија на цела држава регистрирани се 511 нови случаи на Ковид – 19, што е повеќе од 14% од тестираните. Од Источниот регион, најмногу се од Кочани – 21, а најмалку во Берово, Пробиштип и Македонска Каменица – по еден.

Забележан е и приближен број оздравени пациенти, вкупно 497. Во Истокот, најмногу од Штип – 21, а најмалку од Виница – три.

Во изминатото деноноќие починале десет лица.

Бројот на активни случаи по градови во Истокот, сè уште е најголем во Штип – 191. Веднаш потоа е Кочани со 166 активни случаи. Во останатите градови бројот е двоцифрен, а во Пехчево дури и едноциферен – само три активни случаи.

Статистиката покажува вкупно 200.412 Ковид – дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата и 187.149 оздравени пациенти. Починале 7.072 лица, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 6.191.

Ребека Спасова МНет