Санев: Предвидувам целосна дигитализација на општината и прилагодување на потребите на граѓаните!

Целосна дигитализација во работењето на Општината предвидува и кандидатот за градоначалник во Штип од редовите на коалицијата ДОМ – ЛДП, Ванчо Санев. На почетокот на втората недела од изборната кампања тој истакна дека Општината треба да се прилагоди на потребите на граѓаните и тоа го ветува во неговата изборна кампања.

„Живееме во модерната ера, во која не можеме да си го замислиме секојдневието без користење на дигиталните алатки. Сите комерцијални услуги: телекомуникации, телевизија, интернет или струја, можете да ги платите онлајн, да се информирате за својата потрошувачка, сервисни информации, документи или договори. Но сите ваши обврски, услуги или потребни документи кои ги издава Општината, можете да ги добиете само ако физички отидете во општинската зграда во ограничено работно време. На тој начин, Општиата очекува граѓаните да се прилагодат на неа, наместо Општината да се прилагоди на потребите на граѓаните. Локалната самоуправа, не само што треба да ги следи технолошките текови на денешницата, туку треба и да ги предводи! Затоа, во мојот мандат како градоначалник предвидувам целосна дигитализација во работењето на Општината. Можност за електронско аплицирање за документи, електронско следење на постапки и електронско издавање на документи. На тој начин, освен што ќе се скратат и забрзаат постапките, туку ќе се зголеми и транспарентноста во работењето на локалната самоуправа“, истакна Санев.

Овие залагања од страна на Санев се исклучителни затоа што Општината постои да им служи на потребите на граѓаните.

Лаура Стојанова МНет