
По пресот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип во саботата, во кој обвинија дека ЈП „Исар“ ги зголемило трошоците за гориво за пет милиони денари, денеска се огласи и директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев. Како што истакна тој, пред фактите и боговите молчат, па кажаното од ВМРО ДПМНЕ го демантираше со факти и докази.
„На 11.7.2016 година, ЈП „Исар“ склучило договор со економски оператор за сума од 15.331.000. Значи, зборуваме за 2016 година. Тогаш цената на горивото била 61 денар, зборуваме за ЕУРОСУПЕР БС 95. На 30.8.2021, преку економски оператор ЈП „Исар“ склучило договор на 16.500.000 денари. Цената на истото гориво е 71 денар, цели десет денари повисоко или околу 15%. Сакам овде да истакнам дека за овој период ЈП се стекна со нови шест возила, разни типови на возила кои се донација“, рече Коцев.
Коцев на ова додаде дека со неговото доаѓање на чело на ЈП „Исар“, собирањето смет се одвива двапати неделно, а ако има потреба и трипати, додека претходно тоа се правеше еднаш во седум дена. Што се однесува на вториот дел од пресот, како на тендерот добила фирма чии човек е близок со директорот на ЈП „Исар“, Коцев кажа дека во Штип живее 60 години, па логично е да има многу пријатели. Тендерот бил јавен, па тој и да сакал не можел да го намести истиот.
„Што се однесува до мојот пријател, јас сум роден во Штип и живеам 60 години во Штип, освен кога сум студирал во Скопје. Имам поголем број на пријатели, па сите тие што се овде напишани и се занимаваат со овој бизнис се мои лични пријатели. Еве, претходниот ми беше клупски другар, од борењето. И сега ние треба ли да бираме кои се тие луѓе и дали се пријатели? А во градот сите се знаеме кој сме и што сме. Друга важна работа е тоа дека ова оди електронски. Ама и да сакам да ја наместам работата, они си се натпреваруваат, кој ќе даде подобри услови“, додаде директорот.
На крајот Коцев додаде дека ова е рамката која е предвидена за гориво за оваа година, но тоа не значи дека целата мора да биде потрошена. Истовремено, им порача на ВМРО ДПМНЕ за во иднина ако сакаат да се занимаваат со политика да изберат по веродостојни теми за прес – конференција.
Лаура Стојанова МНет