ВМРО ДПМНЕ: Ужива ли „Баргала“ привилегии, па не плаќа вода? Коцев: Милост нема за никого!

ЈП „Исар“ повторно мета на критики од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. Овој пат на прес – конференција го осудија односот на претпријатието кон АД „Баргала“, која имала милионски долг за вода. Прашањето кое го поставуваат е: зошто директорот не повел постапка за извршител и дали градоначалникот има влијание врз тоа?

„Ако редовно си ги плаќате сметките за вода, канализација и смет, тогаш, сигурно, би се запрашале: Зошто ЈП „Исар“ веќе подолго време не го санкционирало милионскиот долг кој „Баргала“ го има кон јавното претпријатие? Зошто не е поднесена тужба кон оваа богата фирма, која има милионски долг за вода? Зошто сиромашните граѓани се исклучуваат за неколку неплатени сметки, а „Баргала“ и покрај милионскиот дол, ужива привилегии? Дали поврзаноста на градоначалникот со „Баргала“ има влијание за привилегираниот однос кон таа компанија? Зарем до сега директорот Коцев не требаше да ја даде „Баргала“ на извршител, како што тоа го практикува со обичните граѓани? Го повикуваме директорот на ЈП „Исар“ лично да одговори на овие прашања и да објасни на јавноста како е можно богатите да добиваат попусти и привилегии, а сиромашните санкции и казни?!“ – рекоа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

На ова директорот Коцев одговори дека постапки презема само тој без ничие влијание, а потребното за АД Баргала е веќе преземено.

„Не знам дали ние секојдневно да седиме овде и да стануваме медиумски личности или треба да работиме нешто? Сето она што требало да се преземе за фабриката АД „Баргала“ е преземено. Има редослед: опомена една, па друга пред тужба, тужба, па на крајот ќе си оди извршител. Значи, тука нема милост за никого. Градоначалникот апсолутно нема никаква врска околу оваа работа. Човекот ја оставил работата јас да ја водам така како што треба, па како би било поинаку? Ако за секоја работа ми се јавува… „Оваа канта да ја ставиш на тоа ќоше, ова да го ставиш таму… “ Зошто сум јас тогаш овде?“ – одговори директорот Коцев.

Ребека Спасова МНет