Штипјани согласни – тешко е да се преживее со сегашните примања и цените на производите

Расте цената на основните продукти за живот. Откако пред неколку месеци се зголеми цената на брашното, лебот и зејтинот, од денеска во дел од маркетите и пекарите истото повторно е направено. Ова пред сè се должи на зголемената цена на пченицата, но и на сончогледот. Според Сојузот на синдикати, потрошувачката кошничка за месец август годинава изнесувала нешто над 34 илјади денари и споредбено со претходниот месец јули е зголемена за 241 денари.

Најмногу пари треба да се одвојат за храна и пијалоци, 14.633 денари, за домување – 10.818 денари. За лична хигиена – 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари. За култура – 1068 денари и за здравје – 736 денари. Анализите на ССМ покажуваат дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат, информираат од ССМ.

Дополнителен трошок за едно четиричлено семејство е доколку имаат ученик, па се зголемуваат и трошоците.

На терен граѓаните велат тешко да се преживее со сегашните плати и пензии, а основните продукти за живот постојано растат. Голема улога има и висината на примањата, но во секој случај штипјани се согласни дека не е во ред ова покачување.

„Зејтинот е покачен, еднаш веќе беше качен. Скоро 100 денари е едно шише. А сега колку ќе го качат… И брашното е покачено и други работи, не само зејтинот. Само тие се неопходни, брашно, зејтин е главно. Храна е тоа. Да земеш да зготвиш нешто, без зејтин не може“

„Зависи од примањата, ако имате поголема плата ќе се преживее но за оние со примања од 10 илјади тешко, многу тешко“

Трошоците на живот се исто така динамични. Според податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, најмногу пораст е забележан ка храна и пијалоци со 1,5% и тоа кај зеленчукот 15,8%, сирењето и урдата 1,1% месото 0,9% лебот и житата 0,7% млекото исто така за 0,6% итн.

Лаура Стојанова М-Нет