
Вчера, во 8 часот наутро, првите попишувачи излегоа на терен, со што започна една од најважните статистички операции во државата, Попис 2021. Во текот на вчерашниот ден немаше пријави за одбивање за попишување од страна на граѓаните, а не бил пријавен ниту каков било технички проблем, истакна директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Екипата на М-Нет телевизија беше на терен заедно со попишувачите. Граѓаните отворија врата и уредно одговараа на прашањата. Се почитуваа и мерките и протоколите за заштита од Ковид – 19, а онаму каде што дозволуваа условите попишувањето се вршеше на отворено.
„Имаме правено позади куќата ново приземје. Има и инсталација за водовод. Ставено е и направено е лаборат. На дрва се грееме и немаме клима, само синот има горе. Немаме соларни колектори.“ – вака одговараше жителка на овластениот попишувач.
И додека од една страна мирно се одвиваше попишувањето, од друга страна штипјани со поделено мислење. Едни велат дека пописот е доста значаен и ќе отворат врата за да се попишат, други, пак, истакнаа дека според нив пописот ќе биде неважечки и нема да учествуваат во истиот.
„Не ме интересира тоа мене и за мене е неважечки оти е неправеден.“
„Сигурен, 100%. Прво јас сум и вакциниран со две дози, мислам дека ќе биде сè во ред.“
„Ќе ги запазуваме мерките. Ќе внимаваме на мерките како и секаде каде што се запазуваат. Значи, тоа е. Како што се бара секаде, нели.“
За операција која на нашата држава ѝ недостасува веќе двесет години и Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ги повика граѓаните да соработуваат и да се попишат.
„Пописот е значајна операција, којашто, знаете, дваесетина години не се има реализирано во државата. Заради тоа повикувам граѓаните да се попишуваат. Не е таа операција само за да се преброиме колку сме во државата, туку заради тоа да знаеме и многу други податоци, коишто на нас како Министерство за транспорт и врски ни требаат при урбанизацијата. Тоа ќе му треба и на Градоначалникот и на Општината. Да знаеме колку проекти, колку приоритети, колку улици има, колкав проток, колку жители живеат во една населба за да може да се реализираат и тие проекти, и тие приоритети на граѓаните. Така што пописот е операција којашто е потребна и за во земјоделието, и за во урбанизмот, и за сите останати потреби и ресори во државата, а, секако, и за планирањето и идниот развој на градовите, на општините“, посочи Бочварски.
Земјава е поделена на 50 пописни реони, а за подготовка, организација и спроведување е задолжен Државниот завод за статистика. За еден ден во нашата држава се попишани 91.681 лице, 28.355 домаќинства и 37.404 станови. Пописот ќе трае до 30 септември, а Заводот за статистика треба да ги објави резултатите шест месеци по завршувањето на теренските активности, ама првични резултати се најавени за во јануари наредната година.
Лаура Стојанова МНет