Од среда учениците се враќаат во училишните клупи

Од среда учениците се враќаат во училишните клупи односно започнува учебната 2021/22 година за учениците со физичко присуство. Ова беше прво од трите сценарија кои ги подготви Министерството за образование и наука пред два месеци, и како што истакна Министерката Мила Царовска ова е најпосакуваното и најдоброто за учениците.

На новинарско прашање во Пробиштип, Царовска истакна дел од мерките кои ќе треба да се почитуваат во училиштата, додавајќи дека сите детално може да се прочитаат на страната на МОН.

Мерење на температурата на влез во училиште која не треба да биде повисока од 37,4 степени, дезинфецирање пред настава, за време на одмор и после настава, задолжително носење маски, но ни е за време на голем одмор, одржување на растојание се мерките со кои ќе стартува новата учебна година.

Не се исклучува и можноста епидемиолошката ситуација да се промени односно да се влоши. Во таков случај ќе се премине на друг модел на одвивање на наставата, поточно на второто или трето сценарио. Второто можно сценарио кое го предвидуваше МОН беше наставата да се следи со комбинирана настава со најизменично ротирање на две групи ученици онлајн и со физичко присуство, и третото резервно сценарио е модел на настава како минатата учебна година, едни ученици да бидат во училница а други постојано да следат настава од далечина.

За евентуална промена на моделот на наставата ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести и МОН ќе постапи по нејзините инструкции. Но, министерката Мила Царовска е уверена дека училиштата ќе останат отворени зашто и минатата учебна година, кога 40 отсто од учениците следеле настава со физичко присуство, во нив немало ширење на заразата.

Инаку, претходно на седница Владата го усвои Планот за одржување на наставата и протоколите за постапување на основните и средни училишта за реализација на воспитно образовниот систем со физичко присуство.

Согласно Планот, за брзи промени треба да бидат подготвени сите, од директорите, до наставниците и стручните служби, останатите вработени во училиштата, како и учениците и нивните родители/старатели, но и сите оние кои допринесуваат за помош и поддршка не само во реализацијата на планираните наставни часови, туку и во овозможувањето на квалитетно воспитание и образование.

Лаура Стојанова М-Нет