Интересот за вакцинација во континуитет ист, кај некои поради мерките, кај други – за заштита

Бројот на заинтересирани за вакцинација сè уште расте. Во изминативе неколку дена е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните на сите пунктови во државата.

На вакциналниот пункт во Штип, во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ по донесувањето на мерките на Владата бројот на лица кои доаѓаат за прва доза е без малку ист секојдневно.

„Денес се јавија за ревакцина околу 100 граѓани, а за прва доза, како и секој ден, околу 200 – 300 луѓе се јавуваат. Бројот е секој ден континуирано околу 200 – 300 луѓе кои доаѓаат“, рече Деан Манов, заменик координатор за вакцинација.

Овде на располагање за вакцинација се вакцините „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека“. Од нив има доволна количина за да ја покрие заинтересираноста. Медицинските лица за истата цел сега се снаоѓаат добро со тоа што им е на располагање.

„Моментално, се снаоѓаме добро и со вакцини. Имаме доволно и апелираме што повеќе граѓани да примат вакцина“, додаде Манов.

Кај граѓаните мотивот да се одлучат на имунизација е различен. Ако во текот на вчерашниот ден тие велеа дека се вакцинираат заради мерките на Владата, денес на анкетираните во прв план им е здравјето.

„Не, мерките на Владата не беа причина јас да се вакцинирам. Тоа беше моја желба, заради тоа што сакам да ги заштитам луѓето околу мене.“

Според информации од МЗ, досега на територија на цела држава вкупно се аплицирани над 1.110.000 вакцини, а ревакцинирани се без малку 500.000 граѓани.

Ребека Спасова МНет