Од догодина Луна паркот во Штип со нова локација, годинава нема да има

Годинава нема да се постави традиционалниот луна парк во Штип. И покрај одобрението кое привично било издадено од општината  на организаторите, градоначалникот на Општина Штип, доктор Сашко Николов истакна дека нема да дозволи во време на пандемија и во ек на четврти ковид бран да се организира луна парк. Организаторите веќе втори ден се на локацијата, но не се започнати со поставување на реквизитите, а како што вели Николов известени се дека годинава нема да има луна парк.

„Оваа година луѓето коишто ги организираат ваквите Луна паркови повторно поднесоа барање и тоа барање им беше одобрено од службите, бидејќи по сите протоколи коишто ги бараат нашите инспектори ги задоволуваат и ги одобруваат. Меѓутоа поради ковид мерките кои настанаа, како градоначалник , но пред си и како доктор не можам да дозволам да влеземе во една ситуација каде ќе имаме неконтролирана група на луѓе“ – истакна Сашко Николов.

Луна паркот секоја година се поставува на иста локација на зелените површини во населба Осми Ноември. Николов додаде дека од догодина доколку ситуацијата со ковид пандемија се стави под контрола луна паркот ќе има нова локација.

Луна паркот во Општина Штип се поставува секоја година месец дена пред организирањето на пастрамалијадата. Истиот за дел од граѓаните е забава, за други проблем. Во годините наназад се собираше петиција од жителите во населба Осми Ноември за луна паркот да се најде на друга локација.

Лаура Стојанова М-Нет