
Граѓанската инцијатива „Стоп за криминал во судството“ одржа средби со вицепремиерот, Љупчо Николовски, и Министерот за правда, Бојан Маричиќ. Ваквата средба беше и претходно најавена, а истата се организираше заради спор кој го води Граѓанската иницијатива преку институции заради претрпена штета од корумпиран судија од Апелационен суд Штип.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, на средбата истакна дека ваквата иницијатива од страна на приватниот сектор е само доказ дека заложбата за функционална правна држава и функционални правосудни институции е заедничка.
,,Големиот број на разрешени судии е доказ дека работите ги придвижуваме кон она што целиме: правна држава во која владее правото. Ваквите процеси на прочистување на правосудниот систем не се воопшто едноставни и лесни, но јасно е дека промени се случуваат”, рече Маричиќ
Членовите од иницијативата изјавија дека ваквите проблеми датираат од пред десет години.
“На постапката која се води ѝ претходеше претставка поднесена до мојот Кабинет, која откако ја добивме, соодветно ја проследивме до соодветните органи на истрагата за понатамошно постапување. Присутните на средбата ја поздравија нашата посветеност во решавање на крупните проблеми и оваа наша посета ја оценија како реткост која треба да се поздрави. Ги уверив дека мојата посветеност ќе биде максимална сѐ додека вистински не дојде до резултат. Но ние нема да запреме тука. Следната крупна задача која ја ставивме во нашата агенда е и прочистување на Јавното Обвинителство. Мораме да ставиме крај на корупцијата во секоја пора на општеството”, изјави Николовски.
Маричиќ додаде дека тие работат и ги охрабруваат граѓаните да пријават корупција секаде каде што ја има без притоа да се плашат.
Лаура Стојанова МНет