
Денес православните верници го слават празникот Преображение Господово, кога Христос отишол на планината Тавор со апостолите Петар, Јаков и Јован. Таму Господ пред нив се покажа во сета Негова Слава. Настанов се случил во третата година од проповедањето на Исус, пред да почнат неговите страданија. Имено, во сите тие години Тој проповедал на земјата и правел чуда лечејќи болни, одејќи по морето, воскреснувајќи мртви и умножувајќи ја храната. На тој начин ја покажуваше Неговата слава и го навестуваше големиот страдален ден, но и денот на големата радост.
„За да ги утврди во верата, Тој на гората Тавор ги однесе Петра, Јакова и Јована, своите тројца апостоли, а другите ги остави во подножјето. Пред нив се преобрази. Во Евангелието се вели: „Неговата облека стана бела како снег, а лицето посјајно и од сонцето“. Со тоа Тој ја покажа Божјата природа, Неговата суштина.“
Во тој момент апостолите за воскресението слушнале и преку разговорот на Исус со Мојсеј и Илија. Апостолите сакале да направат три сеници за нив на тоа место. Меѓутоа, во тој момент го слушнале гласот Господов.
„Но во тој миг ги обвиткал светол облак и се слушнал глас кој рекол: „Ова е Мојот возљубен Син, на Него е Мојата волја, Него послушајте го!“.“
Исус ги утешил исплашените апостоли со зборовите: „Станете и не плашете се!“. Тогаш останале само Христос и апостолите и повеќе тие не виделе никој друг. Ваквиот настан ја покажува и прославува Славата Господова и тоа е главниот мотив и центарот на одбележувањето на овој празник.
На овој ден се благословуваат грозјето и пченицата, зашто од нив се прави леб и вино, кои, всушност, се телото и крвта Исусови. И самиот Христос за ваквиот чин рекол да го правиме ова постојано. Раскршувајќи го лебот се раскршува Неговото тело, а виното од чашата е крвта Негова која се пролеа за многумина, за проштевање на гревовите.
„Во текот на светата литургија има еден чин кој се нарекува епиклеза или слегување на Светиот Дух врз даровите и Светиот Дух тогаш слегува и тие дарови принесени како леб и вино стануваат тело и крв Христови. Со тоа и ние се причестуваме примајќи го Христа во нас за Тој да опстои во нас и ние во Него.“
Овој празник не го менува својот датум, исто како и раѓањето Христово.
Ребека Спасова МНет