Иван Јорданов кандидат за градоначаник на Општина Штип од редовите на ВМРО ДПМНЕ

На денешната прес-конференција преставени дел од кандидатите за градоначалници од ВМРО ДПМНЕ за претстојните избори наесен. Според Александар Николоски, овој пат ВМРО ДПМНЕ настапуваат со целосно нови личности како кандидати за градоначалници, кои ќе создатат бнова понуда и комплетно ќе одговорат на барањата на граѓаните.

„Би сакал да ми дозволите да ви ги претставиме досегашните избори на ВМРО ДПМНЕ за кандидати, а јас се надевам и нови градоначалници после 17 октомври оваа година. ВМРО ДПМНЕ на овие локални избори излегува со, најголем процент, комплетно нова генерација на политичари, кои ќе создадат една нова понуда на ВМРО ДПМНЕ за сето она што им е потребно на граѓаните во секоја општина. Пред сè просперитет, повеќе пари, сигурност и можности за создавање иднина. СДСМ ги носи истите, стари и истоштени градоначалници. За разлика од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, во најголем процент, оди со нови енергични лица со исклучително богато професионално и лично искуство, проминентни и познати во средините во коишто живеат, спремни да се посветат на општините коишто ќе водат“, истакна Александар Николоски, на денешната прес-конференција.

На првата прес-конференција на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ кандидати за градоначаници за претстојните избори од општините во Истокот се најдоа Иван Јорданов за Општина Штип и Љупчо Папазов за Општина Кочани. Јорданов за М-Нет телевизија истакна дека со овој избор на Штип и штипјани им се нуди живот каков што заслужуваат.

„После сите неправди, силно верувам дека заедно со народот, со граѓаните на Штип, ќе ја направиме промената. Промената ќе значи развој на Штип и враќање на Штип на граѓаните. Сега е време да ставиме крај на владеењето на Зоран Заев и СДСМ, односно да ставиме крај на приватизацијата што се случува во Штип. Сега е време граѓаните да излезат и да го казнат сето она коешто се случуваше во минатото, а со тоа да започнат една нова промена во позитивна насока, којашто ја заслужуваат“, истакна Иван Јорданов.

Од ВМРО ДПМНЕ истакнаа дека во наредните денови ќе се истакнат и втора серија кандидати за градоначалници за претстојните избори кои се закажани за 17 октомври.

Лаура Стојанова МНет