
Спектакуларен перформанс ѝ претставија на публиката актерите од штипскиот театар. Вчеравечер премиерно беше прикажана претставата „ЕДИП КОМЕНТАРИ“. Актерите во улогите на Едип, Антигона, Креонт, Лај, Јокаста и Тирезиј на еден необичен начин ја доловија трагедијата на Софокле. Кореографијата на Игор Киров придонесе за физичко отелотворување на емотивните растројства и состојби на ликовите кои преживуваат силни трауми од личните погрешни постапки. Техниката на сцената беше на едно повисоко ниво во нашиов театар, што беше дополнителен фактор за успешноста на претставата.
Вчерашното претставување беше дел од Интернационалниот фестивал за античка драма „Стоби“, па присуствуваше и тамошната жири комисија, чии членови се Васил Зафирчев, Роза Трајчевска и Кети Борисовска. Кореодрамата требаше да се игра на сцената „Петре Прличков“ во Велешкиот театар, но заради технички причини премиерно беше одиграна во НУЦК „Ацо Шопов“ Штип. Затоа присуствуваше и публика од други градови.
Актерите уште еднаш ни покажаа дека трагичните грешки, фаталните заблуди и човечката глупост веќе се лоцирани и запишани. Публиката погледна едно ново, поинакво оригинално и видување на митот за Едип. Тоа што претставата беше проследена со силен аплауз е доказ за успешноста на истата.
Дополнително, со завршувањето на фестивалот „Стоби“, ќе бидат доделени награди „Гран при“ за најдобра претстава, награда за најдобра женска и машка улога и за најдобра режија.
Ребека Спасова МНет