Утре, четврток, од 21 часот во НУЦК „Ацо Шопов“ Штип премиерно ќе биде прикажана кореодрамата „ЕДИП КОМЕНТАРИ“. Претставата е авторски проект на Драгана Милошевска Попова и Игор Киров, а вклучена е актерска екипа од пет актера од Штипскиот театар. Ова е прва ваква претстава во Штип, па тимот кој учествувал во подготовката денес ја промовираше.
Режисерката Милошевска Попова истакна дека ваков проект како идеја се родил уште одамна. Актерскиот ансамбл имал различни идеи и начини за тоа како да им се претстават на публиката. Сепак, кога се одлучиле за нешто вакво ситуацијата со коронавирусот од една страна ги спречија, но од друга страна им овозможила идејата да се развие.
Кореографот Киров, пак, рече дека ваков проект изискувал многу труд и работа од актерите. Ова било нешто несекојдневно и за нив како актери. Меѓутоа, тие успеале да направат еден голем чекор напред кога станува збор за театарските претстави во Штип.
Актерите, пак, искажаа благодарност за довербата. Тие потенцираа дека им е драго што успеале да ги реализираат нивните замисли и визијата која ја имале за овој проект.
Инаку, во улогите се јавуваат Ефтим Трајчов Ѓаурски, Анѓелка Нашкова, Пеце Ристевски, Марија Минчева Андонов и Милорад Ангелов. Актерскиот тим со задоволство ја покани публиката утревечер да го проследат она што го сработиле.
Ребека Спасова МНет
