По долго и тешко боледување, на 75 годишна возраст почина актерката Сабина Ајрула – Тозија.
Ајрула – Тозија е родена на 17 април 1946 година. Студирала глума на Државниот театар во Скопје, а неодамна била оперирана од тумор на мозокот.
На публиката им е позната по над 70 значајни улоги на сцената на нејзиниот матичен Драмски театар, но и на други театри низ земјава. Некои од нејзините претстави се „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, Гертруда во „Хамлет“ од Шекспир, во „Дамите од Аламо“ од Пол Зиндел, Хекуба во „Орест“ од Еврипид и многу други.
Повозрасната македонска публика ја памети во улогата на Фатиме во „Солунски патрдии“, телевизиска серија на Миле Попоски во режија на Коле Ангеловски снимена во 1985. Помладите генерации, пак, ја запознаа актерската игра на Ајрула-Тозија преку телевизиската серија „Зоки Поки“, снимена по истоимената книга на писателката Оливера Николова. Серијата почна со снимање во 2019, а Ајрула Тозија преку ликот на баба Оле им се приближи на младите генерации.
Ајрула-Тозија глумеше и во многу македонски филмови снимени од крајот на 1960- те години до неодамна. Меѓу првите филмови во кои глумеше е „Време без војна“ во 1969. Во нејзиниот актерски опус се запишани и филмовите „Жед“, „Јад“, „Исправи се Делфина“ „Оловна бригада“,„Време, води“, „Црвениот коњ“, „Јужна патека“ и многу други.
Последните години беше ангажирана и во турската филмска индустрија.
Во 1996 ја доби наградата „Климент Охридски“ за повеќегодишна творечка работа, а во 2015 нaгрaдaта зa живoтнo делo на фестивалот „Вoјдaн Чернoдрински”.
„Сега кога ќе размислам кој го разбудил кај мене тоа актерско чувство, секако, и од мали нозе тоа се носи. Но, јас имав брат, постар од мене, кој ме носеше во театар. Уште од деца бевме по театри и претстави, па тоа ни создаде една навика. Сепак, главен виновник е мојата професорка од средното училиште. Бев активна, рецитирав, добивав награди… “ – зборуваше за своите почетоци актерката во едно од последните интервјуа.
Ребека Спасова МНет
