По 42 години отказно решение за Владимир Тулиев од штипскиот театар

Помор на креативци и актери од штипскиот театар имаше во текот на вчерашниот ден. Прво пристигна отказното решение за Владимир Тулиев, актер со 42 годишен работен стаж. На социјалните мрежи вриеше од револт во врска со одлуката на директорот на Народниот театар. Поддршка дадоа и публиката и актерите, а веста ја потврди и Тулиев.

„Е, да, драги мои колеги, пријатели и моја најдрага публико, после 42 години од првата професионална театарска претстава, сабајлево ми стигна и ОТКАЗНО РЕШЕНИЕ!!!! Како и да е, не дозволувајте да ви плукаат на трудот, талентот и актерската креација!!!! Не дозволувам ни ЈАС!!! Ви Благодарам за поддршката!!!!“ – напиша Тулиев на својот фејсбук профил.

Веста бргу се прошири, па публиката, која ја цени и следи работата на Тулиев, како и актерите, го изразија своето незадоволство од директорот на Народниот Театар. На социјалните мрежи се прошири паролата „И ЈАС СУМ ВЛАДИМИР ТУЛИЕВ“.

„За жал, на оваа држава не ѝ треба квалитет. Им треба само некој што ќе наведнува глава и да не се спротивставува оти наведната глава меч не ја сече. Ама за среќа, секој кој е свесен за својот квалитет, стои со исправена глава на секоја неправда. Србите велат: кој знае зошто е ова добро… Не дозволувај никој да ти гази на достоинството. Господ е голем!“

„Жално… Тоа е нашата чудесна земја… Сите си лечат комплекси… Ја имаш мојата поддршка, Влатко!“

„Никој не може да ти го земе тоа што го поседуваш… Имаш многу фанови од најмлади до најстари… Успех и со среќа во оваа битка!“

„Поддршка во секоја смисла на зборот. Тие се губитници кои не знаат да ценат човек кој целиот живот го вложил во театарот и публиката… “

„Се надевам дека оваа грешка ќе се исправи… Срамота за оној што го напишал тоа решение… Јас не можам да поверувам за еден ваков талент да добие отказ, а дури па „Преспав“ да го замислам без ликот на Дончо. Ако тие те исфрлиле, ние ќе те вратиме. Под итно да се потпише петиција!“

Веднаш по ваквата иницијатива, Никола Ристов, пак, кој се јави во улога на режисер во претставата „Крилја“, на својот фејсбук профил објави статус во кој се вели дека бил брутално исфрлен од својот матичен театар.

„Денес бев поканет од колешката Драгана Милошевска Попова на проба на нејзиниот нов проект ЕДИП КОМЕНТАРИ во НАШИОТ ТЕАТАР. Од страна на раководителот бев буквално избрскан со ОБЕЗБЕДУВАЊЕ!!! Колеги мои, Ви посакувам успешна работа. Жал ми е што ми е ЗАБРАНЕТО да дадам свој скормен придонес во вашата нова креација. Вие секогаш сте потврдувале дека и во ненормални околности успевате да создадете дела достојни за почит. Уверен сум дека и овој пат ќе биде така.“ – напиша Ристов.

Во врска со ваквите реакции и она што се случувало во текот на вчерашниот ден, директорот на НУЦК „Ацо Шопов“, Горан Трајков, рече дека одговор ќе даде на утрешната прес – конференција.

Ребека Спасова МНет