
Веќе неколку години стојат разрушени куќите во населба Ново Село. Едната од нив е во приватна сопственост, па од Општината немаат надлежност. На местото на другата, пак, претходно требаше да биде изграден студентски интернат во приватна сопственост. Меѓутоа, проектот бил неуспешен и приватниот инвеститор го подарил на локалната самоуправа.
Граѓаните, со право, веќе неколку години реагираат во врска со тој простор. Претходно имало иницијатива од Општинските власти за реставрација и реконструкција на местото. Сепак, досега реализација на истото нема.
За ваквата глетка која повеќе од пет години го руши изгледот на населба Ново Село и на која граѓаните се жалат одговор побаравме од Општината. Од таму рекоа дека во врска со тој проблем надлежни се од НУ Завод и Музеј Штип. Директорот на НУ Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов, пак, истакна дека нивната институција е надлежна за изработување на проектот, но не и за негова реализација.
„НУ Завод и музеј Штип ја има целата населба Ново Село како заштитено подрачје. Сепак, во врска со тие куќи, во наша надлежност е само да подготвиме функционален проект. Ние можеме да кажеме како тоа да изгледа, но не и да го реализираме истото. Куќата е во сопственост на локалната самоуправа и во нивна надлежност е да го финансираат и реализираат проектот.“ – додаде Штерјов.
Ребека Спасова МНет