Нелегално продавање на лубеници во Штип, за едни проблем, за други начин за егзистенција

Во сезоната на бостан и дињи, истите освен на градскиот пазар во Штип, по пиљарите и маркетите, може да ги најдете и на улица, по тротоарите, каде продавачи од регионот ги нудат истите. Штипјани во неколку наврати се жалат дека овие продавачи овде се наоѓаат непрописно и спротивно на Законот, но, истовремено, го нарушуваат јавниот ред и мир и оставаат зад себе ѓубре и отпадоци.  Од пиљарите, пак, велат дека им го крадат нелегално лебот. Приказната на овие продавачи е сосем поинаква. Пред камерите на М-Нет телевизија тие истакнаа дека не прават ништо лошо, бидејќи само сакаат да спечалат за парче леб.

„Не ни дозволуваат да продаваме. Јас сум од с. Пиперево. По три – четири пати доаѓа полиција, нè малтретираат, нè затвораат. Најмногу полицијата нè малтретира“, вели продавачка на бостан.


„Ние не правиме нешто лошо, не правиме проблеми, ниту ѓубре, си одржуваме хигиена. Нема потреба да се жалат… Да продававме дрога, па да се жалат, ама ние продаваме сè природно. Нè замараат. Ќе дојдат во ниедно време, дали попладне, дали сабајле, дали напладне, не е важно, па велат да се собереме. Ни пишуваат казни. Колку казни имам, толку немам коса на главата“, рече друг продавач на бостан.

Полициски службеници од полициската станица Штип и денеска беа на терен. Портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова, вели тие постапуваат согласно Законот и си го завршуваат својот дел од работата.

„Ние постапуваме  по два члена од Законот,  поради непрописно паркирање и соодветно се санкционираат за недозволено продавање на земјоделските производи. Не чекаме дојава од граѓани, туку постојано сме на терен и си ја вршиме нашата работа“, рече Панајотова.

Лаура Стојанова МНет