
Зголемен бројот на заинтересирани деца за вакцинација. За само 24 часа преку сајтот на вакцинација.мк биле пријавени 30 деца за вакцинација. Бројот е за 10 повеќе, бидејќи вчера наутро имаше пријавено само 20 деца. Сепак, информации за тоа колку сега се вакцинирани сè уште нема. Меѓутоа, медицинските лица се надеваат дека многу повеќе од нив ќе го испочитуваат закажаниот термин. Минатиот пат кога имаше ваква бројка на пријавени, за вакцинација дојдоа само половина од нив.
Здравствениот дом, пак, е подготвен за заинтересираноста на граѓаните и со количината вакцини и со медицински лица со кои располагаат. За да можат да им излезат во пресрет на граѓаните кои сакаат да се вакцинираат, тие работат и во две смени.
„Во текот на денешниот ден, во Здравствениот дом Штип во тек е ревакцинација на 200 пациенти со вакцините на „Синовак“, „АстраЗенека“ и „Фајзер“. Паралелно со ова се одвива и апликација на прва доза, исто со споментатите вакцини. Значи, на граѓаните им се достапни тие три вакцини по избор. Ние очекуваме редовен дотур на вакцини утре од сите три вида“, вели Дијана Коцева – Миланова, координатор за вакцинација.
Паралелно, со вакцинацијата во Здравствениот дом се врши и апликација на втора доза вакцина на терен. Од Здравствениот дом велат дека ниту еден граѓанин од руралните средини кои дошол досега не бил вратен и во такви случај тие ги вакцинираат. Сепак, велат дека нема потреба од нивно доаѓање, бидејќи медицински тимови одат по руралните средини.
„Исто во тек е и теренската вакцинација, поточно ревакцинација, во селата кои пред три недели беа за први дози“, додаде Коцева – Миланова.
Точна статистика за вакцинирано население во Здравствениот дом немаат, но согласно секојдневната работа очекуваат половина од населението веќе да е вакцинирано.
Како што се вели од Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено и на другите пунктови во државата. Според нивни информации, вкупно се аплицирани 944.731 дози вакцини, а ревакцинирани се 416.614 граѓани.
Лаура Стојанова МНет