
Одлуката на капитенот Горан Пандев за последен пат да го облече дресот на македонската репрезентација наиде на емотивна реакција кај повеќето фудбалери. Сите тие во еден глас порачуваат дека ќе го остават срцето на терен, ќе одиграат најдобро и најхрабро што можат, со цел на достоинствен начин и со поволен резултат да го испратат во репрезентативна пензија својот капитен. Ако можеше Македонија да ја разниша и да ја тушира Германија на нејзин терен, зошто тоа да не се случи и со фаворизираната Холандија.
Ако нашите одиграат како во второто полувреме против Украина, ако ја „нагазнат“ топката како што знаат и умеат, тогаш се е можно. Засега сеуште се шпекулира со составот на тимот во едно сигурно се знае дека и покрај полесната повреда капитенот Горан Пандев сепак ќе биде во стартниот состав. Натпреварот Холандија – Македонија ќе се одигра вечерва на Јохан Кројф Арената со почеток во 18.00 часот.
Специјално за Мнет ТВ – Штип, од Амстердам – Драги Герасимов – Пушка