ФК „Братство“ од Житоше е нов член на Втората Македонска фудбалска лига – Исток

Градскиот стадион во Штип беше мегданот каде што екипата на Братство од Житоше ја испиша својата фудбалска историја. Бараж натпреварот за пополнување на ВМФЛ – Исток, Братство – Хоризонт заврши со резултат 1:0 (0:0) а стрелец на единствениот и победоносен гол беше Насаф Шабанов во 85. минута. Истиот играч во 55 минута со силен разорен удар ја погоди стативата која беше сојузник на голманот на Хоризонт, Благој Крстев. Натпреварот започна на пеколно жешко време, потоа подувна штипскиот ветер кој донесе силен пороен дожд кој како да беше солза радосница на крајот на мечот на кој се радуваа играчите, раководството и малиот, но по протокол број на гледачи дојдени од Житоше. Заеднички тие ја споделија и прославија победата и со второлигашка песна си заминуваат од за нив среќниот Штип. Во новата сезона во ВМФЛ – Исток од третолигашкиот југ ќе настапат две екипи, првопласираната Локомотива од Градско и сега Братсво од Житоше. Судиската тројка на чело со Јован Качевски од Кичево одлично го водеше натпреварот покажувајќи само три жолти картони, два на играчите на Хоризонт и еден на Братство.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk