Се враќа трендот вакцина во Штип да се прими во утринските часови, но на капија се пушта само по термин

Денеска продолжува ревакцинацијата во салата „Јордан Мијалков“ во Штип со кинеската вакцина „синофарм“. Откако вчера пунктот за вакцинација беше затворен, денеска продолжи да се следи трендот граѓаните да доаѓаат порано од закажаниот термин за да примаат втора доза вакцина. Но како што истакна координаторот за вакцинација доктор Дијана Коцева Миланова, пред капија се создава ред и се пуштаат пациентите по терминот кои им е закажан.

За денеска се закажани околу 1500 граѓани за ревакцина, а за утре освен ревакцина прва доза вакцина од Фајер ке примаат околу 300 граѓани кои се закажани преку мој термин. Продолжува и ревакцинацијата на постари и изнемоштени лица во нивните домови, а нивната бројка се движи од 15 до 20 пациенти дневно.

Вакцини има доволно за ревакцинација, посочи Миланова, а во помали дози за прва доза вакцина. Вакциналниот пункт во Штип утре ќе работи со скратено работно време, бидејќи бројката на лица кои треба да се вакцинираат или ревакцинираат не е голема.

Според информации од Министерството за здравство вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вкупно се аплицирани 369.661 дози вакцини, а ревакцинирани се 125.829 граѓани. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 438.879 граѓани.

Лаура Стојанова М-Нет