Затворена модуларната ковид болница во Кочани, во Штип минимален број на хоспитализирани

Модуларната ковид болница во Кочани од денеска започна да функционира како дневна ковид амбуланта. Најавата дека сите хоспитализирани ковид пациенти ќе бидат пуштени на домашно лекување е остварена. Тоа значи дека во Кочани нема хоспитализирани пациенти позитивни на корона вирусот. Доколку има лице со симптоми на ковид 19, и не е со тешка клиничка слика ќе биде примено на преглед во Кочани, но доколку е со потешка клиничка слика и има потреба од болничко лекување ќе биде препратен в модуларната болница во Штип, информираше директорот на кочанската Општа болница, Александар Серафимов. Лицето од Кочани кое со последните информации од Министерството за здравство е пријавено за починато, битката со ковид 19 не ја изгубило во болницата во Кочани.

Во штипската модуларна ковид болница моментално хоспитализирани се 11 пациенти од кои 7 имаат потреба од кислородна поддршка, а слободни се 33 кревети, истакна потпаролот на Клиничка болница Штип. Овде е регистрирано едно починато лице од Штип на 64 годишна возраст.

Намалувањето на бројот на хоспитализирани пациенти и намалувањето на притисокот врз болниците резултираше со ново благо олабаување на рестрикциите, но остануваат препораките за максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од невидливиот непријател  кои се на сила.

Според информации од Министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 794.832 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.269, бројката на оздравени пациенти е 148.664, на починати е 5.408, а бројот на активни случаи изнесува 1.197.

Лаура Стојанова М-Нет