
Модуларната ковид болница во Кочани од денеска започна да функционира како дневна ковид амбуланта. Најавата дека сите хоспитализирани ковид пациенти ќе бидат пуштени на домашно лекување е остварена. Тоа значи дека во Кочани нема хоспитализирани пациенти позитивни на корона вирусот. Доколку има лице со симптоми на ковид 19, и не е со тешка клиничка слика ќе биде примено на преглед во Кочани, но доколку е со потешка клиничка слика и има потреба од болничко лекување ќе биде препратен в модуларната болница во Штип, информираше директорот на кочанската Општа болница, Александар Серафимов. Лицето од Кочани кое со последните информации од Министерството за здравство е пријавено за починато, битката со ковид 19 не ја изгубило во болницата во Кочани.
Во штипската модуларна ковид болница моментално хоспитализирани се 11 пациенти од кои 7 имаат потреба од кислородна поддршка, а слободни се 33 кревети, истакна потпаролот на Клиничка болница Штип. Овде е регистрирано едно починато лице од Штип на 64 годишна возраст.
Намалувањето на бројот на хоспитализирани пациенти и намалувањето на притисокот врз болниците резултираше со ново благо олабаување на рестрикциите, но остануваат препораките за максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од невидливиот непријател кои се на сила.
Според информации од Министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 794.832 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.269, бројката на оздравени пациенти е 148.664, на починати е 5.408, а бројот на активни случаи изнесува 1.197.
Лаура Стојанова М-Нет