Вкупно 370 закажани ревакцини за два дена на вакциналниот пункт во Штип. Само 50 граѓани дошле за прва доза во текот на вчерашниот ден. Додека пред некој ден бројката на термини за ревакцина беше 600, сега за два дена вкупно, имајќи ги предвид петок и сабота, истата е скоро преполовена. Интересот за вакцинација, пак, е прилично намален согласно тоа дека бројката на граѓани кои примиле прва доза во текот на оваа недела беше 50 – 60 граѓани.
„Во текот на вчерашниот ден имавме околу 300 лица коишто ја примија втората доза и 50 за прва доза. Во текот на денешниот ден имаме закажано 70 лица за втора доза, односно за ревакцина. Колкав ќе биде интересот за прва доза сè уште е рано да се каже. До овој момент се вакцинирани околу 15 лица, кои си доаѓаат редовно во термините и имаме околу десетина кои дојдоа за прва доза утринава“, информираше заменик координаторката, Ана Бурева.
Според медицинските лице, сè уште е во тренд вакцината „Фајзер“ со оглед на тоа што истата е признаена во најмногу држави, а граѓаните планираат да патуваат. Сепак, во одредени денови еднаков е бројот на вакцинирани со „Фајзер“ и „Синовак“.
„Најмногу има интерес за „Фајзер“, а потоа и „Синовак“. Кај повозрасните лица се вакцинира и со „АстраЗенека““, додаде Бурева.
Заклучно со вчерашниот ден, 54% од населението над 40 години и 30% од населението 18-39 години имаат примено барем една доза вакцина. Вкупно се аплицирани 1.358.067 дози вакцини, а ревакцинирани се 603.795 граѓани.
Според информации од официјалниот веб – сајт на МЗ, ковид19вакцинација.мк, досега се вакцинирани вкупно 750.893 граѓани.
Ребека Спасова МНет
