
Над 41 илјада избирачи имаат право на глас на престојните избори во октомври на територија на Општина Штип. Оваа бројка е помала за околу 800 гласачи споредбено со парламентарните и претседателски избори од 2024 година. Намален е и бројот на избирачки места поради тоа што во нив има помалку од 10 избирачи и истите се затворени.
„Согласно податоците кои ги имаме од ДИК право на глас на овие Локлани избори на територија на Општина Штип имаат 41 411 гласачи. Вкупно имаме 80 избирачки места со тоа што имаме 73 избирачки одбори согласно упатствата на ДИК. На територија на Штип имаме избирачки места кои се седум на број кои се со помалку од десет избирачи. Овие граѓани ќе го остварат своето право на глас во најблиското избирачко место. Тоа се шест избирачки места од претходните парламентари и претседателски избори. Новина е што е укинато избирачкото место во село Суво Грло.“ – вели Вацев.
Ден пред изборите ќе гласаат болните и немоќни лица во домашни услови. Тие треба дополнително да се пријават во периодот од 6 до 10 октомври годинава. Ден пред изборите гласаат и лицата кои извршуваат казна затвор.
“За болни и немоќни сѐ уште е рано за постапката за пријавување, бидејќи оние лица кои сакаат да го остварат своето право на глас во домашни услови се запишани во овие избирачки списоци, како и лицата кои се на одржување на казна затвор.“ – додава Вацев.
Во Штип граѓаните ќе имаат можност да бираат меѓу два кандидати за градоначалник, и 11 советнички листи со 253 кандидати. Советот на Општина Штип брои 23 члена.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет