358 блокирани нелегални казина, парите на играчите остануваат неизвесни

Бројот на блокирани нелегални веб-страници за онлајн коцкање во Македонија продолжува да расте. До крајот на јуни блокиран е пристапот до 358 платформи, што е повеќе во споредба со 307-те веб-страници евидентирани на почетокот на годината. Иако со оваа мерка се ограничува пристапот до нелегалните казина, таа не значи и автоматска заштита на играчите. Доколку корисниците веќе уплатиле средства или оствариле добивки, државата нема механизам што гарантира нивно враќање.

Надлежните апелираат граѓаните пред да уплатат средства да проверат дали приредувачот поседува лиценца издадена од Министерството за финансии, бидејќи странска лиценца не значи дека платформата законски смее да работи во земјава. Во случај на спор, банките можат да интервенираат само ако станува збор за неовластена трансакција или злоупотреба, но не и кога уплатата е направена доброволно. Во меѓувреме, остануваат отворени прашањата кој ги контролира рекламите на нелегалните казина на социјалните мрежи и колку малолетници користат вакви платформи, за што сè уште нема официјални податоци.

Дајана Сандева, М-Нет