
Во Штип, во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ заедно со статистиките од вакциналниот пункт во Спортската сала „Јордан Мијалков“, кој работеше претходно, досега се вакцинирани околу 34.000 граѓани. Вакцинираните претежно се жители на Штип, но со оглед на тоа што пунктот претходно беше регионален, има граѓани и од други градови од истокот, информира координаторката за вакцинација, Дијана Коцева – Миланова. На територија на цела држава, пак, досега се вакцинирани над 1.300.000 граѓани, а две дози вакцина примиле скоро 565.000.
Во Штип дневно се вакцинираат околу 300 граѓани, а околу 13 – 14 илјади на територија на цела држава. Во текот на вчерашниот ден биле вакцинирани 13.219 граѓани, а прва доза примиле 4.251.
„Заклучно со вчера, со прва доза се вакцинирани вкупно околу 740.000 граѓани. 560.000 од нив се вакцинирани со онаа дневна динамика иницијално околу 10 – 12 илјади, која сега е намалена на 4 – 5. Јас верувам дека ако продолжи тоа со овој тренд, ќе биде добро. Вкупниот процент на вакцинирано население со најмалку една доза на граѓани над 40 години е 53%, а вкупниот некаде околу 37%, што значи помал е опфатот на помладите граѓани.“ – истакна Министерот за здравство, Венко Филипче.
Вакцинацијата, сепак, се одвива непречено на сите пунктови во државата, информираат од Министерството за здравство.
Ребека Спасова МНет