За 48 часа три нови случаи на Ковид-19 во Штип

Последниве два дена на територијата за која е надлежен “Центарот за јавно здравје Штип” се појавиле 3 нови случаи пoзитивни на COVID. Загрижува фактот дека од нив 2 се од иста текстилна компанија, а третиот е лекар од приватна ординација. За докторот се знае дека е поврзан со кластерот на медицинската сестра на која сопругот работи како таксист а се покажа како позитивен случај.

Поради актуелната пандемија на Коронавирус (COVID-19) и поради грижата за јавното здравје на населението, а со акцент на општините кои спаѓаат под наша надлежност, Центарот за јавно здравје – Штип, уште еднаш апелира до граѓаните да се придржуваат кон мерките кои во изминатиов период постојано се пласираат во јавноста во сите медиуми. Штип е град на текстилната индустрија, па затоа најмногу сакаме да апелираме до текстилните конфекции и сите други субјекти кои имаат поголем број на вработени и кај кои производствениот процес налага на задолжително присуство на повеќе лица во една просторија. Истите, задолжително треба да се грижат за хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, дистанцата на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место да биде од 1,5 до 2 метри, истите задолжително да носат лична заштитна опрема – маски, а по можност и ракавици.

Во просторијата во која работат поголем број на лица задолжително да го има потребното растојание помеѓу истите, носење на лична заштитна опрема и на работното место, често проветрување на просториите, често миење и дезинфекција на рацете, задолжителна дезинфекција на работните површини и предмети кои се користат при работа, да се избегне групирањето на повеќе лица и за време на паузите за одмор. Доколку е можно, да се редуцира бројот на надворешни лица кои влегуваат во овие објекти. Иако пандемијата е под контрола, сепак не можеме а да не апелираме дека понатамошниот тек на пандемијата зависи најмногу од однесувањето и дисциплинираноста на секој еден граѓанин. Затоа, Ве замолуваме задолжително да се придржувате кон овие мерки!
СО ПОЧИТ
ЈЗУ Центар за јавно здравје Штип

Штипските епидемиолози земале брисеви од единаесет сомнителни лица од кои 7 биле од конфекцијата во која има вработено приближно 100-тина работници.

Благојчо Костадинов/ М НЕТ