29 години од обидот за атентат врз Киро Глигоров, Штип и понатаму ги слави неговите лик и дело

Денеска навршуваат 29 години од одбидот за атентат на првиот претседател Киро Глигоров. Тогаш на местото на атентатот загина неговиот возач, а беше повреден и неговиот телохранител. Но, Штип се сеќава на првиот претседател, а за тоа говори и спомен собата во мултимедијалниот центар кој го носи неговото име. Постојани посети од ученици од градот, но и државата се доказ дека има интерес да се знае нешто дополнително за човекот кој остави длабок траг во државата.

„Самата спомен соба егзистира со една мисла која гласи: Киро Глигоров не е мит, тој е реалност кој се одразува во постоењето на Република Македонија. Како одминуваат годините, еве три денцении веќе ќе се навршат од моментот кога се случи тој терористички и срамен чин атентатот на Киро Глигоров, од година во година зрее онаа негова мисла и значењето коешто неговото дело кое го имаше во текот на целиот негов живот.“ – вели Панајотов.

Панајотов сведочи за времињата кога Глигоров доаѓал во посета на неговиот роден Штип, а како што може да се забележи и од фотографии кои се поставени во неговата спомен соба, слободно може да се каже дека бил народен човек. Постојано бил присутен како гостин во неговиот град, на значајни случувања, настани и слично.

„Киро Глигоров оставаше впечаток на многу народен човек, Јас се сеќавам на многу негови посети во Штип, тој знаеше да дојде сам. Тој овде беше постојано околу 2 мај, а тој е роден на 3 мај. Тој го сакаше својот град и во многу значајни моменти знаеше да се најде во Штип, особено за денот на ослободувањето, да биде наш драг гостин“ – вели Панајотов.

Киро Глигоров беше привиот претседател на независна Македонија. На чело на државата беше во периодот од 1991 до 1999 година, однонсо во два мандати. За обидот за атентат напиша и книга, „Атентат – ден потоа“. Почина на 1 јануари 2012 година на 94 годишна возраст.

Лаура Стојанова М-Нет