
Околу 50 вакцинирани граѓани со прва доза, скоро 200 за ревакцина. Ваква беше статистиката во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип до 12:30 часот. Од таму велат дека бројот на граѓани кои доаѓаат е намален, но тоа е така зашто паралелно се зголемува бројот на вакцинирано население барем со една доза.
„До сега, до 12:30 часот, извакцинирани се 225 лица, од коишто 47 се за прва доза на вакцина, а останатите се ревакцина. Се вакцинира од сите три вакцини: „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека““, рече заменик координаторката, Бурева.
Додека се намалува бројот на заинтересирани за прва доза, се зголемува бројот на закажани ревакцини. На вакциналниот пункт има и доволно медицински лица и количини вакцини. Редовно се врши и нов дотур, па таму функционирањето е на едно стабилно ниво и досега немале застој или некакви проблеми.
„Во секој момент ние ги имаме доволните дози коишто се потребни за ревакцина, а во деновите, секогаш, требуваме и за први дози, бидејќи не знаеме колкава ќе биде заинтересираноста. За цело време имаме доволно кадар, работиме во две смени, покриени сме и со лекари и со сестри, а имаме и волонтери, така што во тој дел го имаме доволниот кадар“, додаде Бурева.
Од МЗ постојано апелираат на што помасовна вакцинација, а досега две дози примиле околу 600.000 граѓани.
Ребека Спасова МНет