
15 дена клуч на врата ставија инспекторите по инспекциски надзор во фирма во Карбинци, откако биле затекнати непријавени работници и било утврдено работење во недела, иако за оваа дејност тоа е законски забрането. Поради утврдените прекршоци, инспекторите од Државниот инспекторат за труд изрекле наредба, а по нејзиното непочитување од страна на работодавачот, следувале платни налози и забрана за работа во траење од 15 дена. Од Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип велат дека работата „на црно“ значи помалку права и помала заштита за работниците. Оттаму посочуваат дека институциите мора да продолжат со контролите, а работодавачите да го почитуваат законот.
„Поради утврдените прекршоци, инспекторите изрекле наредба, а по нејзиното непочитување од страна на работодавачот, изрекле платни налози и забрана за работа во траење од 15 дена. Работата „на црно“ и работењето во недела, значи помалку права и помала заштита за работниците. Затоа е важно институциите да продолжат со контролите, а работодавачите да го почитуваат законот“, велат од „Гласен Текстилец“ од Штип
Инаку, случајот доаѓа во јавноста по сведоштвото на работничка од Кочани, која пред неколку недели јавно проговори за, како што наведе, непочитување на работничките права во фирмата. Таа тврдеше дека била навредувана, а потоа и отстранета од работното место. По нејзиното јавно обраќање следуваа реакции и инспекциски надзор. Од „Гласен Текстилец“ дополнително посочуваат дека доколку повторно биде затекнато работење во недела, следува зголемување на периодот на забрана за работа.
Иван Митев, М-Нет