
Дискриминација во работни односи и пристап до здравствени услуги се најчестите претставки коишто ги добива Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Претставките се сѐ почести што значи дека граѓаните ја препознаваат Комисијата и знаат каде да се обратат во такви случаи, вели Игор Јадровски, член на Комисијата.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има добиено и тринаесет претставки од страна на бугарски здружение и граѓани кои се Бугари. Најчесто се однесуваат на говор на омраза по социјалните мрежи, а имале и една претставка за дискриминација во работа и работни односи.
„Заклучно со јуни, мислам дека имаме 13 претставки добиено, којшто се однесуваат на дискриминација на основа на етничка припадност врз лица од Бугарска етничка припадност. Морам да кажам дека во два случаи имаат утврдено вознемирување, во еден немаме, осум претставки се во тек и имаме претставки, коишто се отфрлени заради неуредност. Законот кажаува кои се основните работи, коишто треба да ги содржи една претставка за да може Комисијата да постапува и ако не ги содржи тие елементи Комисијата ја враќа на доуредување и ако подносителот не ја доуреди ние ја отфрламе“, вели Јадровски.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска се претстави пред граѓаните на Штип. На Градскиот плоштад „Слобода“ беа презентирани активностите, но и како граѓаните да достават претставки до Комисијата.
Ребека Спасова М-Нет