„Колонија на различностите“ за деца со типичен и атипичен развој во штипскиот Дом на млади

Ликовната работилница „Колонија на различностите“ успешно реализирана во штипскиот Дом на млади. На истата деца и млади од регионот имаа можност да се едуцираат и да креираат ликовни дела кои во текот на вчерашниот ден беа изложени за заинтересираната публика. Целта на настанот е постигната, со тоа што децата се прифаќаат едни со други и сознаваат дека колку и да сме различни, сепак сме исти.

„Колонијата на различностите е настан во организација на Дом на млади, кој се одржува веќе трипати. Настанот е за деца со типичен и атипичен развој. Оваа година настанот предизвика голем интерес кај нашите граѓани. Проектот е поддржан од Министерството за култура и голема благодарност до дефектологот Борче Петровски и уметникот Ристе Мицевски, кои овозможија овој настан да го добие овој лик“, истакна Видан Лазарев, директор на Дом на млади – Штип.

„Колонија на различностите“ е настан којшто се одржува трета година по ред, а резултатот од истиот е тоа што децата меѓусебно се дружат и ги надминуваат бариерите кон лицата со потешкотии. Оваа година учество зедоа околу 40 деца и млади.

„Овој настан е социјална инклузија, каде што децата со типичен и атипичен развој заедно творат и ги искажуваат своите емоции и чувства, што е еден вид на „арт – терапија“ којашто доведува до когнитивен и емоционален развој кај самите деца. Целата е овие дечиња меѓусебно да се дружат, а со тоа да се подигне и јавната свест кон лицата со потешкотии во развојот, да се надминат одредени бариери кон лицата со потешкотии“, истакна Борче Петровски, дефектолог.

Според дефектологот Борче Петровски, тоа што оваа година заинтересираноста е поголема покажува дека настанот треба да се развие на едно повисоко ниво и да прерасне во традиција.

Ребека Спасова М-Нет