
Над 80% од студентите се задоволни од електронската библиотека на Универзитетот „Гоце Делчев“, покажува самоевалуацијата на Универзитетот. Формирана во 2011 година, за 12 години бележи околу 1000 наслови и речиси 500.000 симнувања на електронските книги. Раководителката на Центарот за издавачка дејност, Лилјана Колева-Гудева, вели дека во просек се издавале по 100 учебници годишно.
„Да напоменам дека оваа бројка од 473.000 симнувања секојдневно се зголемува имајќи предвид дека е колоквиумска недела и дека ни следи јунска сесија, прва и втора декада, овој број наскоро ќе достигне половина милион симнувања книги, учебници и учебни помагала што завршуваат во компјутерите, таблетите, паметните телефони кај студентите“, вели Лилјана Колева-Гудева, раководителка на Центарот за издавачка дејност.
Од е-индекс се задоволни 93% од студентите, а од е-учење 92%. Според ракводителот на Центарот за е-учење, Зоран Здравев, целиот информациски систем ги дава посакуваните резултати, поради што штипскиот Универзитет е еден од водечките во дигитализацијата на високото образование.
„Ние на почетокот правевме калкулација, имаме 200 професори, секој по една книга, тоа се 200 – 300 книги. Тоа ќе биде одлична библиотека. Меѓутоа, сега имаме 1000 наслови. Барав по другите универзитети и никој нема од ваков тип библиотека. Можеби, сега во меѓувреме некои отвораат некаде, меѓутоа до скоро немаше. Значи број 1 сме во тој дел. Целиот информациски систем што е инсталиран на УГД ги дава резултатите“, вели Зоран Здравев, раководител на Центарот за е-учење.
Честа е појавата на професори кои бараат студентите да ги купат нивните книги, меѓутоа такви пријави за корупција на УГД нема. Ректорот, Дејан Мираковски, вели дека е-библиотеката е еден од начините да се спречи ваквата корупција, а иако имаат соодветен кадар кој го контролира сето тоа, кај нив нема такви пријави.
„За среќа тоа е една од алатките со кои во основа се елиминира во целост, бидејќи нема никаква потреба од интеракција меѓу професорот и студентите во врска со книгите. Професорите ги предаваат авторските права на Универзитетот, а Универзитетот ги става на располагање на студентите и таа појава е целосно елиминирана“, вели ректорот Мираковски.
Предноста на Универзитетот „Гоце Делчев“ е и тоа што е интегриран универзитет и сите факултети се развиваат паралелно. На другите универзитети некој факултет може да предничи пред другите. На електронската библиотека книги има од сите 15 единици на УГД, а од неодамна и од Воената академија „Михајло Апостолски“ во Скопје како придружна единица.
Ребека Спасова М-Нет