
За 3,5% е намален бројот на дипломирани студенти во претходната 2022 година во споредба со 2021 година. Според податоците на Државниот завод за статистика добиени од пристигнатите извештаи, во 2022 година дипломирале 7438 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и факултетите. Повеќе од 60%, односно 5026 се на државните високообразовни установи, на приватните има 2433, а од верските факултети само 24 студенти.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во претходната 2022 година дипломирале вкупно 756 студенти. Најмногу од нив – 248 се на Факултетот за медицински науки, а најмалку – само еден на Факултетот за филмска уметност. По шест дипломци имаат Факултетот за ликовна уметност и Машинскиот факултет во Виница, а останатите бележат двоцифрени бројки, со исклучок на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Гевгелија каде дипломирале 112 студенти.
Од државните високообразовни установи, најмногу студенти, вкупно 2523 дипломирале на Универзитетот „Кирил и Методиј“, а најмалку – 44 на охридскиот Универзитет „Св. Апостол Павле“. На верските факултети шестмина се дипломци на Православниот богословски факултет, а 18 на Факултетот за исламски науки. Повеќе од половината, односно 57,1% се дипломирани студентки.
Ребека Спасова М-Нет