
Просечно по педесетина пациенти дневно, најмногу за време на празниците и викендите кога матичните лекари не работат, бележи Итната медицинска помош во Штип. Од деца па и до возрасни пациенти, пред сѐ со симптоми како покачена температура и кашлица.
„Во изминатиов период бележиме пораст на бројот на пациенти со горнореспираторни инфекции кои најчесто се со вирусна етиологија. Во однос на симптоматологијата, имаме покачена телесна температура, кашлица, којашто може да биде пропратена со отежнато дишење кај некои пациенти, и кај одредени пациенти имаме болки во грло. Што се однесува до старосната група на пациенти, имаме пациенти од секоја возраст, дечиња кои се јавуваат на прегледи, имаме и возрасни пациенти“, вели д-р Стефан Ташков.
Генерално, препораки за заштита нема, бидејќи ова е сезона на вируси и настинки. Меѓутоа, една од причините е, вели д-р Ташков, промената на температурата, односно премин од топла просторија во надворешни услови со пониска температура.
„Нема генерално некои препораки затоа што, како што кажав, знаеме дека најголем број на горнореспираторни инфекции се со вирусна етиологија, а тие вируси ни се пред сѐ сезонски вируси коишто преовладуваат овој период. Би го издвоил и вирусот на грип којшто е актуелен периодов, ете, кај децата имаме заболување со респираторен синцициски вирус, имаме детски бронхиолити. Нема некои генерални препораки, меѓутоа нагла промена на температура на клима, излегување од топла просторија надвор на пониска температура може да биде еден од клучните фактори коишто би го потенцирало влошувањето на симптомите, би било како индикација за да се јави ова горнореспираторно заболување“, додава Ташков.
Праксата покажува дека ваквиот турбулентен период во Итната медицинска помош во Штип започнува околу Нова година и завршува до крајот на месецов. Д-р Ташков вели дека очекуваат дотогаш бројката на пациенти да стивне.
Ребека Спасова М-Нет