Ќе се реконструира потпорниот ѕид на КБ Штип кој пред една недела се сруши врз неколку автомобили

Во наредниот период ќе се реконструира потпорниот ѕид на Клиничка болница Штип, кој пред една недела се сруши пришто оштети неколку возила кои беа паркирани таму. Како што вели директорот на болницата, Владко Захариев, стариот и дотраен ѕид целосно ќе биде реконструиран, а не само делот кој заради неповолните временски услови се сруши на улицата.

„Потпорниот ѕид е што би рекол на болницата, на општината, на државата, на сите граѓани. Се обидуваме заеднички да најдеме решение со општината и градоначалникот и преку фондот бараме проширување на Буџетот за да можеме да го поправиме. Тој ѕид е дотраен, сега овој дел ќе го поправиме, но ќе се обидеме и тие најургентни делови што се да може да се поправат.“ – вели Захариев.

Сѐ уште е непозната финансиската конструкција, бидејќи фирма во моментот работи на утврдување на висината на средствата кои ќе бидат потребни за да се реконструира овој ѕид. Планот е да биде опфатен целиот и да биде повлечен кон болницата со што ќе има поголема прегледност и на улицата кај Клиничката болница.

„Сега ако го реконструираме целиот ѕид ќе гледаме што е можно по внатре да биде новиот потпорен ѕид бидејќи таа улица е едносмерна и не е прегледна. Ќе гледаме максимум што може да се повлече ѕидот кон внатрешноста на болницата, но имаме минимум услови кои треба да бидат исполнети“ – додава Захариев.

На 27 јануари оваа година, поради обилните врнежи од дожд потпорниот ѕид падна врз автомобили кои беа паркирани на улицата, при што беше предизвикана само материјална штета.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет