
Борбата за опстанок во Втората македонска фудбалска лига никогаш не била потешка. Многу клубови бркаат сигурен опстанок, некои се надеваат и на бараж, а некои веќе можеби и се без реални шанси за опстанок уште пред стартот на пролетната полусезона.
Така, Борец е еден од клубовите кој оди кон сигурно испаѓање во Третата македонска фудбалска лига – Југ, со што велешани ќе останат и без второлигашки фудбал, откако минатата сезона останаа и без прволигашки фудбал.
Борец ги живее тешките денови од своето постоење, а многуте ветувања кои ги даваа многумина, практично не се реализираат, со што клубот е оставен на цедило и е единствениот второлигаш, кои во цела есенска полусезона на 15 одиграни натпревари нема ниту еден освоен бод, односно е на „закован“ на дното без бодови.
Многу тренери се менуваа, многу управи се менуваа по испаѓањето на Борец од Прва лига минатата сезона, но ништо во Борец не се решава. Играчите имаат заборавено кога последен пат добиле плата, тешката финансиска состојба е главниот фактор што Борец одигра катастрофална есенска полусезона.
Пред само неколку сезона Борец имаше тим и амбции за излез во Европа, откако влезе во Прва лига, во времето кога главен спонзор беше Кочо Анѓушев, а на тренерското столче седеше искусниот стратег Горазд Михајлов. Сепак, по откажувањето на Анѓушев, многумина ветуваа дека ќе го превземат Борец, дека ќе го продолжат истиот пат по кој одеше клубот и дека Европа ќе биде единствена цел. Но, од тоа ништо не се случи, Михајлов поднесе оставка, Анѓушев се откажа, а сите кои ветуваа, ништо не реализираа, па клубот испадна во Втора лига, а по есенскиот дел нема ниту еден освоен бод, па повеќе од сигурно е дека клубот оди кон директно испашање во Трета лига – Југ.
Ќе биде тешко да се задржат и овие млади играчи кои беа дел од клубот, прашање ќе биде со каков ростер ќе биде Борец во пролетниот дел, дали ќе има некои засилувања со кои би можел да се надева на опстанок, со каква финансиска поддршка ќе биде и како ќе се решаваат финансиските проблеми. Во моментот второлигаши се на одмор, а по празниците се враќаат на фудбалските терени со подготовките за пролетниот дел, останува да видиме дали и како Борец ќе се подготвува за „пеколната“ пролет.
