Љупчо Димитковски – Гањо не е повеќе тренер на второлигашот Каменица Саса

Нова тренерска смена во Втората македонска фудбалска лига. Љупчо Димитковски – Гањо и Каменица Саса се разделија, со што „рударите“ ќе добијат нов тренер.

Димитковски на клупата на Саса го наследи Иван Варадиновски, а на тренерското столче седна во септември минатата година. Новиот тренер кој ќе го наследи Димитковски на клупата на Саса ќе има повеќе од тешка задача да избори опстанок во Втората лига.

По 22 одиграни натпревари во Втора лига, Саса е на 13-тото место со 17 бодови, односно се наоѓа во бараж зоната за опстанок. Во досегашниот тек од сезоната „рударите“ имаат четири победи, пет ремија и 13 порази.

Во минатото Димитковски го предводеше некогашниот прволигаш Хоризонт од Турново, кој тогаш избори „виза“ за Европа, ги водеше и Тиквеш, радовишка Плачковица, Еуромилк, Кожуф од Гевгелија и последно Каменица Саса.

Веќе викендот Саса игра клучен меч против Кожуф на домашен терен, повеќе од важен во борбата за директен и сигурен опстанок.