
Колку што наврна за пет месеца од годинава, толку врнежи имало само во јануари минатата година. Ваква статистика покажуваат мерењата на штипјанецот Киро Маџунаров. Изминативе денови земјава беше под влијание на нестабилна воздушна маса, што ни донесе поројни дождови на повеќе места. Со ова цел месец мај е повеќе сушен од само осум дена во месец јуни.
„Последните врнежи што беа вчера беа 12 литри на метар квадратен, а бидејќи врнежите се мерат месечно за овие девет дена има наврнато 28 литри на метар квадратен. Ако се земе во предвид од први јануари до сега има наврнато некаде околу 117 литри, можам да кажам дека овие последните врнежи за овие денови во јуни се добредојдени или можам да кажам дека се мајски врнежи, оти мај беше катастрофален оваа година“ – кажа Маџунаров.
Претходната година се покажа како сушна поради нерамномерноста на врнежите. По 200 литри имаше во првите и во последните три месеца, а во останатите само 130. Водостојот на реката Брегалница, пак, не е правопропорционален со количеството врнежи.
„Брегалница има неспоредлива висина на водостој во однос на врнежите. Последното мерење на Брегалница покажува дека 82 сантиметри утрово беше.“ – додава Маџунаров.
Просекот на врнежи за месец мај според мерењата во изминативе неколку години е 52 литри, а годинава е на речиси половина од просекот. Засега првите пет месеца покажуваат уште посушна година, но се очекува да се види колкава количина ќе наврне до крајот на годинава.
Ребека Спасова М-Нет