ЈП „Исар“ апелира до домаќинствата да извршат термоизолација на водомерите

Минусните температури во зимскиот период доведуваат до дефекти и пукање на водоводните цевки во домаќинствата. Поради ова, јавното претпријатие „Исар“ од Штип апелира до граѓаните да извршат термоизолација на водомерите.

В.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, испрати апел до домаќинствата да ги заштитат своите водомери, особено потрошувачите чиишто водомери се наоѓаат во дворовите и се на отворена површина. Доколку граѓаните не се запознаени на кој начин може да ги изолираат своите водомери и цевки, може слободно да се јават во инфо – центарот на ЈП „Исар“, чиј телефонски број може да се најде објавен на фејсбук страницата на ЈП „Исар“, додаде Здравков.

„Поради ниските температури, претежно во вечерните часови доаѓа до пукање на водомерите. Тоа се најчесто водомери, коишто се во надворешните дворски делови на домаќинствата. Нашиот апел е истите да се термоизолираат, добро да се заштитат, за во вечерните часови, кога температурите се многу ниски, да не пукаат. Доколку граѓаните не знаат сами како да го направат тоа, слободно можат да се јават во нашиот инфо центар. На нашата фејсбук страна имаме информации и броеви, така што ќе дојдат наши екипи или пак телефонски ќе ги посоветуваат граѓаните како да извршат изолација на водомерите“, изјави Здравков.

Во однос на надлежноста на ЈП „Исар“ со водоводната инфраструктура, тие ги потсетуваат граѓаните дека нивната надлежност за одржување и санација на водоводната линија се протега до самиот водомер, додека, пак, дефектите на цевките кои продолжуваат по водомерот се предмет на санација од страна на самите сопственици.

Ребека Спасова М-Нет