
Утре се играат натпреварите од последното деветто есенско коло со што ќе заврши есенската полусезона во Трета лига – Исток, па овој третолигашки регион прв оди на зимска пауза.
Познати се и судиите кои ќе ја делат правдата на натпреварите од 9. коло. Иван Јанев од Штип го доби мега-дербито во Делчево каде се среќаваат Брегалница Делчево и Малеш од Берово, дербито на колото се игра во Виница каде се среќаваат лидерот Слога Виница и второпласираниот Овче Поле, а правдата ќе ја дели Здравко Костовски од Штип.
Локално дерби се игра во Зрновци каде се среќаваат Светлост и Карбинци, а за правдата ќе биде задолжен Блаже Петковски од Миравци.
Локално струмичко дерби ќе се игра на стадионот „Кукуш“ меѓу Тиверија и некогашниот прволигаш Хоризонт Турново каде Александар Ананиев од Кочани ќе биде главен судија.
Во Пирава се игра регионално дерби на Југот меѓу Ударник и Дојранско Езеро, а главен судија на овој меч ќе биде Тоше Џамов од Кочани.
Сите натпревари ќе стартуваат в недела од 13 часот.
Александар Ванев, М-Нет