
Ѓулбаки Мемет е новиот советник во Советот на Општина Штип од редовите на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Мемет доаѓа на местото на Никола Рилак, кој пред еден месец ја достави својата оставка, а беше констатирана на претходната 12. седница на Советот. Уверението издадено од Општинската изборна комисија го потврди Верификационата комисија составена од претседателот Дејан Здравков и двајца членови, Драгица Петрова и Трајче Стојчевски.
Мемет доаѓа од редовите на Демократската партија на Турците и на Локалните избори во 2021 година беше 11. по ред на заедничката листа на коалицијата. Извештајот беше усвоен едногласно од страна на сите советници, па Мемет ја потпиша свечената изјава.
Ѓулбаки Мемет е третиот нов член на Советот на Општина Штип по првичниот состав на советници од изборите во 2021 година. Досега оставки поднесоа Емил Павлов и Никола Рилак од советничката група на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, како и Сенада Ибраимова од партијата Левица.
Ребека Спасова М-Нет