
Вчера во Фудбалската федерација на Македонија беа извлечени двојките за четвртфиналето од Купот на Македонија, со што се познати двојните кои ќе водат борба за пласман во полуфиналето.
Ждрепката посака бранителот на Куп титулата Вардар да се соочи со второлигашот Охрид, во меч каде прволигашот е фаворит – интересно е тоа што Вардар е есенски шампион во Прва лига, а пак Охрид е есенски шампион во Втора лига.
Второлигашот Детонит Плачковица ќе се соочи со прволигашот Силекс, каде тимот од Кратово ќе ја има фаворитската улога, а радовишани кои две сезони во низа се дел од четвртфиналето ќе се обидат да направат изненадување за полуфиналето што ќе биде историски резултат за нив. Од друга страна, Силекс не сака да ризикува бидејќи цели кон Куп титулата со која може да излезе во Европа.
Големото дерби во четвртфиналето од Купот на Македонија ќе го одиграат прволигашите Струга Трим Лум и Шкендија – две екипи кои водат борба како за Куп титулата, така и за шампионската титула во Првата македонска фудбалска лига.
Реприза на Куп соочувањето од пред една сезона ќе има меѓу второлигашот Шкендија Арачиново и прволигашот Работнички. Тимот од Дебар Маало и тек како го памети тој меч кога беше исфрлен од Купот уште во првото коло од тогаш третолигашот Шкендија Арачиново.
Дали ќе успее сега Работнички да врати или пак Шкендија Арачиново ќе успее уште еднаш да го исфрли прволигашот од Купот и да се пласира во полуфиналето.
Натпреварите се закажани за 25 февруари, се игра еден меч, а доколку нема победник во регуларниот дел ќе се оди кон изведување на пенали. Победниците патуваат во полуфиналето.
Александар Ванев, М-Нет