Штип ќе добие кино сала во склоп на ОМЦ „Киро Глигоров“

Простор во ОМЦ „Киро Глигоров“ треба да ја задоволи потребата за кино во Штип. Закупувач, кој би се одлучил на ваков потег, за просторот три години би плаќал месечна закупнина од најмалку 100.000 денари на Општина Штип. Обврската за опремување е на закупувачот, а нема да има обврска да ги покрива тековните режиски трошоци.

„Проценката изнесува 19.813.612 денари, висината на почетната месечна би изнесувала 99.068 денари, односно 0,5% проценти од проценатата вредност на недвижната ствар. Деловниот простор би се издавал по закупен период од три години и е со намена за проекција на филмови. Од страна на закупецот потребно е да се направат соодветни вложувања.“

Бројот на закупнини на најповолниот понудувач ќе му се намали врз основа на постигнатата цена пропорционално со направената инвестиција. По завршувањето на договорот, подвижната инвестиција ќе остане во сопственост на закупувачот.

„Ова вака е направено бидејќи немаме голем интерес за кино сала во Општината, па затоа и овие неколку отстапки. Мислиме дека работата не е многу профитабилна, а сепак треба да се набават некои нешта коишто трошат прилично средства. Затоа и е направена оваа методологија со којашто мислиме дека ќе привлечеме некој заинтересиран закупувач.“

Речиси сите советници кои зборуваа на советничката говорница ја изразија својата согласност за отворање кино во Штип, меѓутоа повеќето од нив имаа забелешки или сомневања во однос на одлуката за давање недвижен имот на закуп. Висината на режиските трошоци, дали просторот е за таа намена или не, како и песимизам за реализацијата беа дел од дискусијата.

Просторот којшто Општина Штип би го дала на закуп, а за што Советот на Општина Штип даде согласност со 11 гласа ЗА е со површина од 219,96 м2. За реализација на идејата Штип да има кино останува да се најде уште најповолен закупувач.

Ребека Спасова М-Нет