Голем револт кај штипјани предизвикаа информаците кои вчера вечер се проширија на социјалните мрежи дека неколку текстилни компании обезбедиле дозвола да работат за време на полицискиот час. Недозволиво е оваа индустрија да работи во услови кога најголемиот дел од заразените во Штип се од текстилните компании, изјави денес градоначалникот на Штип Благој Бочварски, заради што од главниот кризен штаб на владата Општина Штип побара и доби акт за забрана за работа на сите текстилни компании.
„Во моменти на целосено затварање на градот и забрана за движење во претстојниот продолжен викенд за сите граѓани, НЕДОЗВОЛИВО е во оваа индустрија да се работи, токму таму каде што во моментот имаме поголем број случи на заразени граѓани.
Сметам дека во овој момент треба сите да бидеме на ниво на задачата која ни ја носи ова време вклучувајќи ги институциите, граѓаните и стопанствениците со цел да спречиме состојбата со КОВИД-19 да излезе од контрола.
Кога велам на ниво на задачата мислам над личните и партиски интереси, над интересите на стопанствениците. Во овој момент секој, ама буквално секој треба да се откаже од нешто за интересот на сите.
Поради ова, за да го заштитиме здравјето на вработените, а со тоа и на сите граѓани на Штип, побарав од Главниот кризен штаб во Владата да донесе акт со кој во наведениот период ЦЕЛОСНО ќе го забрани работењето на сите фабрики од текстилната индустрија (каде што има голема концентрација на луѓе) во Штип и воедно ќе забрани издавање на секакви дозволи за работа со кои се изигруваат воведените мерки.
Пред малку го добив овој акт кој гласи: Главниот штаб при Владата го прифати барањето за забрана за работа доставено од Општина Штип, а со ова се забранува издавање на дозволи за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија на подрачје на Општина Штип, односно сите да останат затворени.
Со ова веќе официјално се забранува работа во текот на овој викенд за сите текстилните фабрики.
За оваа одлука веќе се информирани инспекторатите, најстрого ќе бидат казнети сите кои ќе ги повикаат луѓето на работа. Апел доколку има ваков случај веднаш да биде пријавен.
Наредните три дена единствено до текстилните фабрики ќе бидат транспортирани лица за кои е креиран упат од доктор за тестирање и веднаш потоа ќе бидат вратени дома. Утре ќе бидат тестирани 200 вработени, а сабота и недела уште 230.“
Моменталната статистика за коронавирусот во Штип е нови 17 заболени, тројца оздравени и 343 лица во самоизолација. Во тек е скринингот на вработените во шест текстилни компании.