Штип не е во карантин, скринингот на текстилните работници е во тек

Комисијата за заразни болести не препорача  воведување карантин  или  полициски час во Штип, во наредните неколку денови ќе се утврди во колкава мера вирусот е проширен во петте текстилни компании кои користеле заеднички превоз со компанијата каде половина од вработените се позитивни на коронавирус.

Денес во Штип почна скринингот на над 500 вработени во пет текстилни компании. Центарот за јавно здравје со помош на колегите од Кочани во текот на денот зема примероци од 200 лица, од кои 120 се од вработени во конфекциите. Работата се врши на терен, во просториите на текстилните компании, вели Марија Димитрова, Директор на Центарот за јавно здравје – Штип.

Додека трае скринингот, вработените во текстилните компании немаат решение за изолација, но заради здравјето на блиските и заради колективното здравје, задолжени се да бидат изолирани се до добивањето на резултатите велат од Комисијата за заразни заболувања. Од почитувањето на оваа мерка во голема мера зависи дали ќе се шири коронавирусот во Штип.

Се потврди дека превозот на работниците е слаба точка на која со месеци укажуваат од невладината „Гласен текстилец“. Оттаму со став дека сегашната ситуација е резултат на непочитувањето на препорачаните мерки и од страбна на вработените и од сопствениците на текстилните компании и од надлежните институции.

Затворањето на текстилните компании заради ширење на ковид-19 не треба да ги остави без дневници вработените, сметаат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Синдикатот бара да се почитуваат работничките права, работодавачите да обезбедат безбеден транспорт на вработените, а инспекторатите навремено да реагираат на секое непочитување на мерките.